| | |

Вечниот михајловизам

Владимир Перев 

1. 
Како и повеќето македонски бугари, сум одраснал и сум ги примил првите лекции по она што би се нарекло политика, преку ликот и делото на, тогаш за нас мистичниот Ванчо Михајлов. Во неговата личност, митолошки претставена во меморијата на децата од педесетите години во Македонија, беа сконцентрисани како борбата за слобода, така и одмаздољубието (убиството на кралот Ал. Караѓорѓевиќ), презирот кон комунизмот како режим и надежта за подобра иднина. Тој беше нешто како ангел-одмаздник, лик кој заедно со Владо Черноземски ќе се појави и ќе ја донесе подобрата и поправична иднина. Тоа се однесуваше само на нас, децата од семејствата на оние кои беа нарекувани бугари или бугараши, за разлика од оние кои себе си се нарекуваа македонци и припаѓаа кон светот на учесниците во Војната на победничката страна. Треба да се каже дека немаше антагонизам меѓу децата по таа линија, односите и меѓу постарите во тоа време беа коректни, а проклетството на Информбирото, на многумина од комунистичкиот-партизанскиот корпус, им ги отвори очите. Но, тоа е тема за друг напис. 

2. 
Подоцна разбрав дека не треба да се размислува под сенката на термините “Михајлов и Черноземски“, туку треба да се размислува по линијата на социолошко, па ако сакате и филозофско размислување, да се размислува за “Михајловизам“, како составен дел од политичките размисли на неколку генерации луѓе во Македонија и Бугарија. Треба да се размислува за концепт на форматирање на држава, на Идната Македонија, која треба да биде мултинационална, демократска и со целосно запазени човекови права. Тогаш термините демократија и еднаквост, почнаа да звучат идентично со терминот михајловизам, како систем на демократија. Ако четирите тома “Спомени“ на Иван Михајлов ја претставуваат херојската борба на македонските бугари за ослободување од српското и грчкото ропство, тоа неговата “Македонија-Швајцарија на Балканот“ е демократски концепт за праведна држава во овој дел од светот. Таа книга, барем на хартија, преведена ама неприменета кај нас, остана непостигнатиот сон на минатите генерации и некаква библија за демократско воспитување на новата генерација. Треба да се знае дека Михајлов бил полиглот за наши сфаќања, говорел неколку јазици, а со францускиот се користел на високо ниво. Целата негова генерација е воспитувана во бугарските училишта во Отоманската империја, сите ученици говореле француски и турски (покрај бугарскиот) и повеќето од нив биле франкофонски воспитаници, опиени од идејата на Француската буржоаска револуција – Libertѐ, Egalitѐ, Fratenitѐ! Поимите за Слобода, Еднаквост и Братство се вткаени во делото на Михајлов, тие се неговата амбиција и политика и цел на михајловистите, кај нас и во Бугарија. 

3. 
До мојата 21-ва година не бев стапнал во Бугарија, а познавав само некои мои роднини кои успеваа да дојдат во Македонија. Но, за овде кај нас, јасна ми беше непријазноста, да не кажам омразата на режимот кон михајловистите и воопшто бугарите, чувство кое на своја кожа сум го почувствувал од годините на младоста. Во Бугарија бев меѓу своите роднини и тука немаше проблеми, но останав вчудовиден од омразата на бугарското општество кон михајловистите. Омразата беше кон луѓето, никој не го споменуваше терминот “михајловизам“. Исто како и кај нас, тоа беше омраза на еден насилен и недемократски систем, кон оние кои во војната беа поразени. Но, нивната идеја за слобода и рамноправност тлееше како искра во пепелта на загубените илузии, способна да пламне секој момент и да го наруши тоа нечовечко и недемократско владеење. Така и се случи во деведесетите години.  Зошто не се стигна до вистинска европска демократија, одговорот е прост: тоа е човечкиот материјал и капацитет со кој располага нашето, македонското општество. Одбивањето на премиерот Мицкоски да ги внесе бугарите во Уставот, е само далечно, бледо ехо на комунистичкиот насилен режим, потонат во југословенската безидејност и насилието, како кон поединецот, така и кон цели народи!

Георги Лебамов и Владимир Перев на брегот на Костурското езеро

4. 
Во средината на деведесетите години се запознав со браќата Иван и Георги Лебамови од Форт Вејн, Индијана, синови на еден од основачите на МПО, Аргир Лебамов. По потекло од село Вишени, Костурско, тие во Америка ја носеа сета непомирливост на револуционерното време во Егејот, од пред и по Илинден, ја носеа поетиката од борбите против грчките андарти и целата трагедија на Костурско. Во Америка бев повеќе од дваесетина пати и таму ја совладав азбуката за демократија, правичност и размисла за помош на послабиот. Македонската патриотическа организација е последната воздишка на револуционерното време во Македонија, последниот бастион на михајловизмот како философија на живеење и однесување во демократското општество. Без разлика на односите МПО-Михајлов, МПО останува последниот бастион на демократија за македонските бугари. 

5. 
Иван Лебамов одамна почина, ама Георги Лебамов овие денови, на 18 јули, го прослави својот 98-и роденден…при бистра свест и добро расположение. Често се сеќавам на него и нашите преживелици. Тоа се спомени со целосна благодарност кон човекот кој ме прифати како помал брат и ме помогна во најтешките моменти од животот. Но, Организацијата не е во добра состојба. Остарена, безидејна, со загубена острица на борбеноста со која се одликуваше, со геријатриско раководство и млади македонистички фронтмени, идејно корумпирана  и финасиски зависна, таа почнува да претставува проблем и тема за размисла на бугарската држава и на македонските бугари овде. 

За нешата да бидат јасни, на читателите на Трибуна.мк им го претставуваме документарниот филм “МПО – беше еднаш во Америка“ на Иво Иванов и мојата скромна личност, во редакција на уредникот на ТВ ПЛУС Чавдар Стефанов, а со учеството на политичкиот емигрант во Америка, професорот и ерудит Никола Алт’нков. Филмот е снимен пред единесет години, но темите со кои се занимава се сеуште актуелни,  болни и присутни. Може би, нештата ќе станат појасни… 



Слични Објави