„СЕ СМЕЕ ШУТИОТ НА РОГАТИОТ“

//

Пишува: Владимир Перев

Соседната ни и “пријателска“ Бугарија ја тресе шпионска афера во која се вмешани високи функционери на бугарското Воено разузнавање, а во Македонија на социјалните мрежи, се изнаслушавме небулози полни со злорадост, завист, па ако сакатe и омраза. Ги има и такви кои очекуваат, како последица од разврската со бугарските шпиони-разузнавачи во полза на Русија, и пад на министерот на одбраната Красимир Каракачанов. Јалови се тоа надежи, безпотребен оптимизам и неосновани заблуди на општеството и сопствени самозаблуди. 

Каракачанов нема да падне. Напротив, со оваа афера се зацвртуваат неговите изгледи за поголем успех на изборите. Од уапсените шпиони, еден веќе “пропеа“ и тој ќе биде сведок на судењето кое почнува за неколку дена. Службите за безбедност на Бугарија веќе цела година ги следеле разузнавачите-шпиони и богато ја документирале нивната дејност. Во овие и ваквите случаи Бугарите дејствуваат брзо и безмилосно, дотолку повеќе што Бугарија има задолженија од безбедносен карактер кон НАТО, а шпионите работеле во полза на непријателска држава-Русија. Како илустрација за наведеното е и информацијата која експресно се појави на бугарските медии, дека сопругата на раководителот на разузнавачката група-резидентот е со руско потекло и има двојно државјанство-руско и бугарско. Таа била и врската со амбасадата на Русија во Софија. 

Каде сме ние Македонците во оваа приказна? Ако Бугарите се покажаа силни и “рогати“, ние сеуште сме некако млаки, без рогови, или што би рекол нашиот човек “шути“. Поточно речено, такви сме кон сите, единствено не сме кон бугарите и Бугарија…е, нив можеме да им се силиме, или така си мислиме. Деновиве се појавуваат статии по бугарските медии во кои македонската држава директно и без пардон се обвинува дека врши насилие кон македонски граѓани кои сакаат да читаат “бугарски книги“. Се повикуваат на недефинирани “инфрмативни“ разговори, позивите не се со службена белешка или покана, туку од прикриени телефонски броеви, со закани дека ако не се појават на разговор “на тоа место и во тоа време“ против нив ќе бидат преземени санкции и слично. Има и нешто повеќе; луѓето се распрашувани зошто читаат “баш“ бугарски книги, што таму ги интересира, и што е најважното, за кого ќе гласаат на наредните избори кај нас, и ако имаат бугарски пасош, за кого ќе гласаат на изборите на 4 април во Бугарија. Смешни и неважни прашања, поставени со закани од една служба која освен насилие, нема капацитет нито да сочува едно село, а камо ли држава. Овде се знае каква е работата: сите македонски бугари водат потекло од ванчомихајловистичките традиции на ВМРО и сите ќе гласат за ВМРО на Каракачанов, и една солидна бројка (оние кои сакаат да се претставуваат пред себе си како демократи) за ГЕРБ. Објаснувањето е просто и јасно: како прво, после сто години физичка и ментална окупација на македонскиот народ, поддржана и од комунистичките елити на СФРЈ и Бугарија, само Каракачанов и Екатерина Захариева извршија атака на гранитните српски позиции во Македонија, и како второ, само тие двајца, а специјално Захариева,  значително ги подобрија односите на Бугарија со двете и пол балкански албански држави и значително ги растоварија македонско-албанските односи. Толку за Бугарите, Албанците и за “предавниците“ македонци со бугарски пасоши. 

Ние Македонците треба да извлечеме поука од работењето на бугарската дипломатија и на бугарската служба за безбедност. Македонија од своето постоење, од Илинден 1944 година никогаш немала сопствена, автохтона служба за безбедност. Во првите години по војната била целосно подредена на Белград, со целосно српски и србомански кадри, за потоа таа работа само незначително да се промени. До Уставните амандмани на СФРЈ во 1974 година, од секој акт на македонската ДБК-а еден примерок оди во Белград, за подоцна тоа да не е законска обврска, но сепак да се прави по инерција или на заповед. Состојбата се одржува така и по 1990 година, дури некаде и по 2002 година, благодарејќи на личното учество на многуте Срби и Црногорци во службата, сите со македонско државјанство, но со блиски роднински врски во Србија. Во времето на Бранко Црвенковски, неизбежниот Миле Зечевиќ беше шеф на ДБК- а, а човекот за време на религиозните празници си заминуваше во друга земја за да запали свеќа на гробовите на своите претци…човек кој немал гроб на близок во Македонија, бил шеф на најсилната безбедносна структура…барем тоа така се толкува. Истовремено службата е полна со лица од српска и црногорска националност, работат не само во полицијата, туку и во сите други организации кои се сервиси или на служба на безбедносните структури. Истовремено, од 1944 година до 2010 година, на раководни полициско-политичко-безбедносни функции има само двајца-тројца “чесни“ Албанци, како што ние сакавме да ги нарекуваме и ниту еден, буквално ниту еден Бугарин…а Македонија е посеана со гробови на Албанци, Бугари и македонски Бугари паднати во борбата за слобода на земјата. 



Денес ситуацијата е уште потрагична. Директорот на Агенцијата за безбедност (АНБ) Виктор Димовски, кој порано во еден мандат беше и директор на Агенцијата за разузнавање, во нашите “сојузнички“ американски кругови и оние во НАТО важи за човек кого “србите го имаат во џеп“, барем така вели американската ексамбасадорка во Македонија, Џилиен Миловановиќ. Тој ни е тешкото наследсто од времето на Бранко Црвенковски, ама лошото е во тоа што ние не се трудиме тоа да го надминеме. Пример треба да ни биде актуелната бугарска влада, која со успех (и со апсења, разбира се) го надминува црното наследство на рускиот “агент Гоце“, бившиот бугарски председател Прванов, меѓу другото и пријател на нашиот Бранко. 

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев зборува за одбегнувањето на нашата земја да ги бара и отвори досиејата на македонците во Белград, а историчарот Цочо Билјарски во своето фрапантно интервју во бугарскиот Faktor.bg изнесува тврдења за можни сценарија околу тие досиеја. Тврди дека досиејата на функционерите се “предодредени“ за уништување, за да се сокријат сите траги во нив. Симптоматичен е фактот што ги нема досијеата на повратниците од Граѓанската војна во Грција, раселени низ земјите на Источниот лагер. За нив има само карактеристики од надлежниот службеник-полицаец кој ги сослушувал во прифатниот центар на затворот Идризово, но ги нема исказите на сослушаните. Сето тоа е некаде во Белград или загубено низ босанските пештери за време на последната војна од 1990-95 година. Билјарски тврди и уште нешто друго: дека македонскиот јазик е во опасност заради лекторите по весниците и списанијата кои се, или со српско потекли, или се во брачни врски со срби и живеат во српските средини. Тврди дека тие не дозволуваат нормален развиток на македонскиот аналитичен јазик, туку го прилагодуваат кон српските лексички, граматички и синтактични решенија. Но, тоа е веќе работа за специјалисти. 

Македонските служби за безбедност треба да го минат процесот на евалуација за да се потврдат квалификациите на припадниците на тие служби за достап до класифицирани информации. Посебно и со поголема строгост тоа треба да се практикува врз сегашните раководни кадри, собрани по политички и неретко криминални бизнис зделки со определени кругови во земјава, но и во странство. Треба да се развенча митот за нашето “братство“ со српскиот народ и да се примени максимата за “сирењето и парите“. Албанците донекаде се изборија за своите права во безбедносните служби, но прашањето за оние кои се декларирале како македонски бугари стои отворено. Тоа стои отворено веќе стотина години. Последните повикувања на некакви разговори и совето од страна на полицијата на луѓето кои читаат бугарски книги  е само предсмрниот здив на едно веќе одминато време. 

Бугарите се покажаа “рогати“ во односите со русите и ја преструктуираа својата ментална матрица како послушници на рускиот империјализам. Прашањето е кога ние ќе станеме “рогати“ и ќе ја надминеме ропската послушност кон нашите “северни браќа“…или пак ние решивме дека треба да останеме “шути“? Или главната вест е дали ќе добиеме руски вакцини затоа што Османи ја поддржал Бугарија за апсењето на руските агенти. Но, да не заборавиме, сега веќе сме во НАТО и не решаваме само ние…тука се слушаат многу нови и за нас непознати гласови…да не се потсмеваме никому, туку да ги ослушнеме гласовите внимателно, за доброто на сите нас!

Претходна статија

(ВИДЕО) ПАДНАТО ДРВО ПРЕДИЗВИКА СПОЈ НА ТРАФОСТАНИЦА ВО ЖЕЛЕЗАРА, СНИМКИТЕ ЗАСТРАШУВАЧКИ!

Следна статија

НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ ПОКАЖА ДЕКА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ Е БЕЗБЕДНА

Најново од Истакнато