|

Андреј Жерновски најави тужба за клевета против министерот Муцунски

Членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен амбасадор во Романија Андреј Жерновски, најави дека ќе поднесе тужба за клевета против министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Повод за најавата се како што тврди Жерновски, лажните обвинувања и изнесените неосновани информации од страна на министерот во врска со неговото работење како дипломат во Букурешт.

Во јавна објава на социјалната мрежа Фејсбук, Жерновски истакнува дека Муцунски го обвинил за сериозни прекршувања на дипломатските норми, нарекувајќи ги „ноторни дисциплински прекршувања“. Според Жерновски, овие тврдења претставуваат директен напад врз неговата чест и професионален интегритет и се основа за судски процес.

Дополнително, тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ отишле чекор подалеку со, како што вели, „вулгарни и подмолни квалификации“, тврдејќи дека ја посрамотил државата пред членка на Европската Унија. Жерновски нагласува дека таквите конструкции се целосно демантирани од страна на романските власти и дипломатскиот протокол.

Како реакција на објавените дезинформации за наводен инцидент на официјален прием во присуство на романската министерка за надворешни работи, Жерновски посочува дека македонската дипломатија добила остра реакција од Букурешт, по што следело извинување од македонска страна.

Во својата објава, тој смета дека преку ваквите напади се нанесува директна штета на државните интереси и меѓународниот углед на Македонија, предупредувајќи дека таквите постапки се резултат на незрели обиди за дискредитација на политички неистомисленици.

Жерновски му даде рок од три дена на министерот Муцунски да се извини јавно, со напомена дека во спротивно ќе следи тужба и судски процес. Тој исто така изрази благодарност до дипломатските претставници во Букурешт и Скопје за поддршката што му ја укажале за време на целиот процес.



Слични Објави