| |

ЦИК на БиХ го поништи мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) едногласно донесе одлука за поништување на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, согласно со одлуката на Судот на БиХ и Изборниот закон на државата, пренесе БГНЕС.

Одлуката е донесена врз основа на правосилна пресуда со која Додик е осуден на една година затвор (со можност за замена со парична казна) и шестгодишна забрана за вршење политичка функција, поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

Одбраната на Додик има право на жалба пред Апелационото одделение на Судот на БиХ, кое ги разгледува изборните спорови. Сè до правосилноста на одлуката, неговиот мандат останува во сила. По истекот на рокот за жалба, ЦИК ќе распише предвремени избори за претседател на Република Српска во рок од 90 дена.

БГНЕС потсетува дека Милорад Додик важи за најблизок сојузник на српскиот претседател Александар Вучиќ и е под санкции од САД, заедно со дел од неговите најблиски соработници. Тој често упатува критики кон ЕУ и НАТО, додека отворено поддржува поблиски односи со земјите од БРИКС и одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, со кого се среќава редовно во Москва.

Во јануари, за време на посетата на Скопје по повод празникот Свети Сава, Додик изјави дека „Македонија е пример за безпринципиелноста на ЕУ“.

Во јуни 2024 година, тој предводеше делегација од Република Српска на т.н. Општосрпски собор, каде беше усвоена декларација што ја афирмира доктрината „Српски свет“, идеологија која се поврзува со српскиот вицепремиер Александар Вулин – исто така санкциониран од САД.

Додик е контроверзен и поради неговото негирање на геноцидот во Сребреница, злосторство кое беше признато од Генералното собрание на ОН. Во летото 1995 година, под команда на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, силите на босанските Срби убија повеќе од 9.000 цивилни Бошњаци.



Слични Објави