МВР се огласи по случајот со полицискиот началник во Демир Хисар: Преземаме соодветни мерки
Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за начинот на постапување на полициските службеници при претресот кај директорка на средно училиште во Демир Хисар. Повод за реакциите на јавноста беше видео објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа како полициски началник бара директорката, на носилка на Брза помош, да биде однесена на информативен разговор во полициска станица.
Од Обвинителството информираа дека имало судски налог за претрес, но не и за приведување или итен распит на директорката.
Според МВР, на 8 август 2025 година биле извршени два претреса врз основа на наредба од Основен суд Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Одземање или уништување службен печат или спис“ (член 390 од Кривичниот законик).
Првиот претрес бил спроведен од 19:25 до 20:20 часот во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар, од страна на полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат. Вториот претрес, од 20:45 до 21:30 часот, бил извршен во службените простории на средно училиште кои ги користи М.Л.

