Трет протест на вработените во „Флораком“ и „Луна“ – блокада на булевар „Илинден“ поради неисплатени плати
Вработените од двете фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, „Флораком“ и „Луна“, денес по трет пат излегоа на протест, јавува ТВ21.
Два часа беше блокиран булеварот „Илинден“ во знак на револт поради тоа што сè уште не им е исплатена јунската плата, а за три дена доспева и јулската, за која, како што велат, нема никакви сигнали дека ќе ја добијат.
Стојанче Кашиковски, претставник на вработените изјави дека работниците се оставени без плата и без здравствено осигурување, иако меѓу нив има хронично болни, онколошки пациенти и лица со сериозни здравствени состојби.
„Ова што го прави раководството на ЈП ‘Паркови и зеленило’ е крајно нехумано. Луѓето се принудени да протестираат на овие пеколни горештини, на над 40 степени, само за да добијат плата која им следува,“ изјави Кашиковски.
Работниците упатија апел до основачот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Град Скопје, да се вклучи во решавањето на проблемот.
„Пред две недели Градот изгласа субвенции од 80 милиони денари – доволни не само за платите во ‘Флораком’ и ‘Луна’, туку и за вработените во самото претпријатие. Но, и покрај тоа, нема конкретен одговор кога ќе бидат исплатени парите. Ветувањата се само ‘ќе биде, ќе биде’. Како во поговорката – магарето го учеле да живее без храна, па на крај умрело,“ додаде Кашиковски .
Доколку итно не се најде решение, работниците најавија дека ќе продолжат со блокирање улици, јавува ТВ21.
