Трамп и Путин на средба во Алјаска за прекин на војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп слета на воена база во Алјаска за долгоочекуваната средба со Владимир Путин – состанок кој претставува сериозен тест за неговото ветување да стави крај на крвавата војна во Украина, јавува БГНЕС.
Двајцата лидери изразија надеж за продуктивна средба. Додека Трамп предупреди дека може да ја смета за неуспех само по неколку минути, Путин не попушти, од Кремљ порачаа дека разговорите ќе траат најмалку шест до седум часа.
За Путин, ова е прва посета на западна земја откако во февруари 2022 година ја нареди инвазијата врз Украина – конфликт кој однесе десетици илјади животи. Во последните денови, Русија оствари напредок на фронтот, што би можело да ја зајакне нејзината позиција на евентуалните преговори за прекин на огнот, иако Киев објави дека се вратени неколку населени места.
Говорејќи во авион на пат кон Анкориџ, Трамп изрази оптимизам, но нагласи дека ќе биде „цврст“ со Путин. Белата куќа изненадувачки соопшти дека наместо тет-а-тет средба, Трамп ќе биде придружуван од државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој не беше поканет, изјави дека нема да прифати предавање на окупираните територии. „Време е да се стави крај на војната и Русија мора да ги преземе потребните чекори. Сметаме на Америка,“ напиша тој на социјалните мрежи.
Трамп ја нарече средбата „проучувачка“ и најави дека конечен договор би се постигнал на трилатерална средба со Путин и Зеленски, на која ќе се разговара за поделба на територијата. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој пристигна во Алјаска со кошула на која стоеше „СССР“, порача дека Москва нема да прави прогнози и дека позицијата на Русија останува „јасна и недвосмислена“.

