ДИК на потег за учеството на независните кандидати
По вториот неуспешен обид во Собранието да се изгласаат измените во Изборниот законик, останува отворено прашањето како независните кандидати ќе настапат на локалните избори. Решението треба да го донесе Државната изборна комисија.
Според граѓанските организации законодавниот дом доцна се обидува да воведе праг што, како што велат, „само би значел ускратување на нивното право“. Дел од невладините кои основаа партии и собираат потписи реагираат дека „народните избраници одлучуваат во име на независните кандидати без да ги земат предвид нивните барања“.
СДСМ изрази жалење што, според нив, е пропуштена можноста „да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите“.
„На денот на распишување на избори, на јавна седница многу прецизно и недвосмислено ја информиравме јавноста дека група избирачи ќе можат да учествуваат на изборите со поднесување на свои листи без собирање на потписи“, вели претседателот на ДИК Борис Кондарко.
Во парламентот, пак, предлогот на мнозинството (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Коалицијата Вреди) беше поддржан од 67 пратеници, но падна бидејќи од немнозинските заедници само 11 гласаа „за“, а 18 беа против.

