Зеленски: „Важно е што Америка е со нас“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Брисел изјави дека поддршката од САД е од клучно значење за неговата земја, јавува БНР.
Пред заедничката видеоконференција во рамките на „Коалицијата на подготвените“, Зеленски и фон дер Лајен пред медиумите нагласија дека насилното менување на границите е неприфатливо. Со тоа тие одговорија на шпекулациите на рускиот претседател Владимир Путин, кој по средбата со Доналд Трамп во Алјаска наводно понудил замрзнување на фронтовите во Херсонска и Запорожка област во замена за целосен контрол врз Донбас.
Фон дер Лајен беше јасна дека нема да има ограничувања за украинските вооружени сили ниту за изборот на земјата во кои организации ќе членува. Таа најави и засилување на економскиот притисок врз Русија.
„Ќе ги затегнеме санкциите, ја финализираме подготовката на 19-тиот пакет, кој ќе биде усвоен на почетокот на септември. Знаеме дека санкциите функционираат и ќе продолжиме да ја притискаме руската воена економија за да ја натераме Москва на преговори“, рече фон дер Лајен.
Зеленски, пак, нагласи дека сегашните фронтови треба да бидат основа за евентуални мировни преговори. „Ни требаат вистински преговори, што значи да почнеме од таму каде што е линијата на фронтот сега. Оваа позиција ја поддржува и ЕУ“, изјави тој.
Тој додаде дека првиот чекор мора да биде воспоставување прекин на огнот, по што може да се разговара за конечен мировен договор. Фон дер Лајен, пак, истакна дека поважно од самиот термин „прекин на огнот“ е да се запрат убиствата и повика на што поскоро одржување на трилатерална средба меѓу Украина, САД и Русија.
Зеленски забележа дека Русија досега не дала „никаков сигнал“ за подготвеност за ваква средба и предупреди дека доколку Москва одбие, треба да следат нови санкции.
Во објава на социјалната мрежа „Х“, украинскиот претседател порача дека европското единство мора да остане силно како во 2022 година, бидејќи токму тоа единство е клучот за постигнување праведен мир.
