Нешков: Вучиќ нема да опстане, како што не опстанаа и претходните диктатори
Режимот на Александар Вучиќ нема да опстане! Ова е една агонија на власт која прави сè што е можно за да преживее, но нема да преживее, како што не преживеале ниту претходните диктатори – Милошевиќ и Тито. Ова за БНР го изјави новинарот и сопственик на БГНЕС Љубчо Нешков.
„Српскиот режим, како и диктатурата на Слободан Милошевиќ и таа пред тоа – на Тито, опстојуваа поради цинизмот. Вучиќ живее со илузијата дека е голем светски играч кој ја решава судбината и на Истокот, и на Западот, дека е миленик на Кина, дека е единствениот добредојден кај Путин и кај Лукашенко, кај Трамп. Тоа е тотално перење на мозокот на целото општество. Во медиумите во Србија важи принципот прво да се наметне нешто, па потоа да се соопшти што било“.
Според него „општеството и политичкиот живот во Србија се во многу тешка состојба“:
„Промените, дури и козметички, сè уште не тропаат на вратата. Периодот на демократизирање на српското општество ќе трае многу долго“. Србија не може да биде стабилизирачки фактор, како што очекуваат некои лидери во ЕУ, додаде тој:
„Вучиќ е проблем и тука нема спас ниту литиумот, ниту француските авиони-ловци. Тој се наоѓа во подраматична ситуација од онаа на Милошевиќ на крајот од неговата кариера. Вучиќ ги излажал сите – за Косово, за Босна, за Црна Гора. Многу луѓе се критички настроени кон случувањата во САД, но пропуштаат еден многу важен елемент – американско-кинескиот судир, каде што Вучиќ и Орбан учествуваат во сите насоки – економски, финансиски, инфраструктурен и културен“.
Новинарот нагласи дека српската економија „тоне“ – има 40-50% намалување на странските инвестиции.
Љубчо Нешков најави премиера на почетокот на септември на филм по новинарски проект на БГНЕС, со учество на новинари од регионот, за кинеското влијание на Балканот.
