УЈП: Во една недела 243 контроли за фискализација, кај 91 субјект утврдени неправилности
Во периодот од 11 до 17 август 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 243 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти – ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало.
Како што информира УЈП, контролите биле реализирани во повеќе градови низ државата, вклучително и во туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од вкупниот број на контроли, кај 91 субјект или 37,4% биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За нив се донесени 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.
Дополнително, за седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години е изречена мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
Анализа по градови
Скопје: 31 контрола, 13 неправилности
Битола, Охрид, Струга, Демир Хисар и Ресен: 67 контроли, 12 неправилности (1 во Битола, 1 во Охрид, 6 во Струга, 1 во Демир Хисар, 3 во Ресен)
Прилеп, Кавадарци, Велес и Кривогаштани: 42 контроли, 12 неправилности (2 во Прилеп, 1 во Кавадарци, 7 во Велес, 2 во Кривогаштани)
Тетово, Гостивар и Кичево: 44 контроли, 29 неправилности (17 во Тетово, 9 во Гостивар, 3 во Дебар)
Куманово и Крива Паланка: 16 контроли, 2 неправилности (0 во Куманово, 2 во Крива Паланка)
Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Василево, Пехчево и Берово: 43 контроли, 23 неправилности (12 во Струмица, 3 во Дојран, 4 во Гевгелија, 0 во Богданци, 1 во Василево, 1 во Пехчево, 2 во Берово)
Од УЈП апелираат:
„Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.“
Исто така, најавуваат дека врз основа на извршените контроли ќе вршат и вкрстени проверки за да ја проверат веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
„Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување,“ се наведува во соопштението на УЈП.

