|

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче се луксузираат, ние работиме за подобар животен стандард

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на изјавите на СДСМ, оценувајќи дека токму тие се последни кои имаат основ да зборуваат за животниот стандард на граѓаните.

„СДС за почеток треба да погледнат назад седум години и да видат што направија за стандардот на граѓаните,“ стои во реакцијата.

Од владејачката партија нагласуваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само една година ги зголемила платите во повеќе области. „Се зголемија платите во здравство, образование, социјала, полиција. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии,“ посочуваат од партијата.

Тие додаваат дека постојано се носат мерки во насока на подобар животен стандард. „За граѓаните се спроведуваат следните мерки како училишна кошничка, велигденска, рамазанска, новогодишна и слично. Во меѓувреме се работи на решение со кое ќе се намали високиот профит на производителите, дистрибутерите, или решение кое ќе води до тоа граѓаните да плаќаат реални цени за производите,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како дополнителни аргументи, тие наведуваат инвестиции, намалување на јавниот долг, редовни субвенции за земјоделците и фактот дека цената на струјата не е покачена ниту за еден процент.

„Што правеше СДС седум години? Инфлацијата беше високи 20 проценти, околу 600 илјади граѓани живееја со 150 денари на ден, сметките за струја се зголемуваа, јавниот долг беше над 60 проценти, а инвестициите најавувани од Зоран Заев останаа само во неговата глава,“ обвинуваат од партијата.

Во реакцијата дополнително се посочува дека „Заев не ги реализираше инвестициите, ама затоа со другарот Венко Филипче кој го стави да ја води СДС во пропаст никако не пропуштаат луксузирања било викенд луксузирања или одмори. Освен луксузните викенди и одмори, си купуваат авиокомпании, градат низ светот и сето тоа со украдени пари од народот.“

„Оттука лицемерно е СДС да зборува за граѓаните кои никогаш не биле на дневен ред на Заев и Филипче, а камоли да бидат приоритет. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден поединец во државава!“ завршува реакцијата на партијата.

Слични Објави