|

На денешен ден: Погазените надежи на „Прашката пролет“ од 1968 г.

Во полноќ, на 21 август 1968 година, трупи од пет држави членки на Варшавскиот пакт влегуваат во Чехословачка и ja прегазуваат идејата за „социјализам со човечко лице“. Овој чин ги уништува соништата на Источноевропејците за послободен и реформски модел на комунизмот, пишува БНР.

Неколку минути пред пет часот наутро, Радио Прага објавува:

„Вчера, 20 август, околу 23.00 часот, армиите на Советскиот Сојуз, Полската Народна Република, Германската Демократска Република, Унгарската Народна Република и Народна Република Бугарија влегоа во границите на Чехословачката Социјалистичка Република. Тоа се случи без знаење на претседателот на државата, претседателот на парламентот, премиерот, првиот секретар на комунистичката партија или други одговорни лица“.

Радиото ја прогласува окупацијата и ги повикува граѓаните да останат мирни и да не пружаат вооружен отпор. Во акцијата учествуваат 100 илјади војници, 2300 тенкови и 700 воени авиони.

И покрај тоа, уште наутро стотици луѓе излегуваат на протест пред цевките на тенковите. Жртвите на окупацијата достигнуваат 402 лица, од кои 58 се застрелани во првите неколку часа од операцијата. Зградата на Радио Прага во центарот на главниот град станува симбол и засолниште за поддржувачите на реформаторот Александар Дубчек.

Под влијание на Дубчек, во Чехословачка започнуваат реформи незамисливи за другите земји од Варшавскиот пакт. Цензурата е укината, се овозможува слободно здружување, а во економијата се воведува делумна либерализација.

Кремљ повеќепати предупредува, но без ефект. Со инвазијата на 21 август Дубчек и другите реформатори се уапсени и однесени во Москва, каде под притисок потпишуваат договор за враќање на апсолутната контрола на комунистичката партија.

Веќе следната година Дубчек е отстранет од функцијата, а со тоа и идеите на „Прашката пролет“ се погребани. Окупацијата предизвикува егзодус на стотици илјади Чеси и Словаци, претежно високообразовани професионалци, кои наоѓаат прибежиште на Запад.

Во октомври 1968 е потпишана спогодба за „привремено распоредување на советски војски“ во Чехословачка. Тоа „привремено“ присуство траело цели 22 години – сè до 1990 година.



Слични Објави