|

Живковски и Славевски со заеднички мерки: Полесен пристап до кредити за прв стан

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски. Разговорите беа посветени на тековната состојба на пазарот на недвижности и на можностите за поефикасна размена на информации меѓу двете институции.

Како што информираа од Катастар, целта на средбата е креирање нови мерки за полесен пристап до кредити, особено за граѓаните кои купуваат прв стан.

Живковски ја истакна подготвеноста на Катастарот за интензивна соработка со Народната банка:
„Податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики,“ рече тој, додавајќи дека во тек е работа на повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини, кој бил прекинат од претходното раководство.

Гувернерот Славевски најави подготвување мерки за поттикнување поповолно кредитирање на објекти за живеење, со акцент на младите и брачните парови кои првпат купуваат стан.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат,“ истакна Славевски.

Агенцијата за катастар и Народната банка најавија и потпишување меморандум за соработка, кој ќе обезбеди побрза достапност на податоци за недвижности, подобра размена на информации и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.

Соговорниците се согласија дека разликувањето на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и зајакнатата институционална соработка, ќе создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните при решавање на станбеното прашање и индиректно ќе придонесат за стабилизирање на цените на недвижностите.

Слични Објави