Претседателот на Романија: Ќе останеме доследни на политиката кон ЕУ, НАТО и партнерството со САД
Претседателот на Романија, Никушор Дан, изјави дека земјата ќе продолжи да ја следи доследната и предвидлива политика во однос на членството во Европската Унија и НАТО, како и во рамките на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, пренесе Аџерпрес, јавува БГНЕС.
Тој нагласи три клучни приоритети за државата: гарантирање на безбедноста, економски развој и поддршка на романската дијаспора.
Посебен акцент Дан стави на поддршката за Молдавија и Украина, како и на јакнењето на улогата на Романија во регионот на Црното Море, вклучително и преку иницијативата „Букурешт 9“. Според него, неопходно е засилено економско присуство на земјата во рамките на ЕУ и поинтензивна соработка со САД, бидејќи економските придобивки од ова партнерство сè уште не се целосно искористени.
Претседателот потсети и на напредокот кон целта Романија да стане членка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР) до 2026 година. Тој подвлече дека земјата има стратегиска предност и потенцијал да се развие во клучен поврзувачки центар меѓу Европа, Азија и Африка, како дел од пошироката стратегија за регионот на Црното Море.

