| |

Урсула фон дер Лајен и бугарскиот премиер Желјазков ќе го посетат ВМЗ Сопот по најавата на „Рајнметал“ за два завода во Бугарија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во недела, 31 август, ќе пристигне во Бугарија, каде што ќе се сретне со премиерот Росен Желјазков.

Двајцата ќе ја посетат водечката државна компанија од воената индустрија и најголемиот објект за производство на муниција во земјата, соопшти денес Европската комисија, пренесува БГНЕС.

Посетата на фон дер Лајен има за цел да ја нагласи поддршката на ЕУ за земјите членки што се соочуваат со предизвици на заедничките граници со Русија и Белорусија. Таа ќе разговара за европската безбедност и одбрана со владини претставници и воени структури.

БГНЕС потсетува дека најголемиот одбранбен концерн во Европа, „Рајнметал“, најави изградба на два завода во Бугарија – еден за барут и еден за артилериски гранати. Веста ја соопштија во понеделник лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и извршниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер. Очекувањата се во рок од три недели концернот да потпише договор со Бугарија за инвестиција тешка околу една милијарда евра.

Само неколку дена претходно, бугарскиот претседател Румен Радев присуствуваше на отворањето на новата фабрика на „Рајнметал“ во Долна Саксонија, која ќе биде најголемиот капацитет за производство на артилериски гранати во Европа.

Од Европската комисија дополнуваат дека турнејата на фон дер Лајен, која започнува утре, ќе ги опфати и Латвија, Финска, Естонија, Полска, Литванија и Романија – земји што се на источната граница на Европската унија.



Слични Објави