Мицкоски: Почнуваме со проектот за третата фаза од пругата кон Бугарија
Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, изјави дека третата фаза од изградбата на железничката пруга на Коридорот 8 е во процес на развивање и дека сите досегашни пречки се надминати.
„Па тоа ќе биде од големо значење за нас како држава, за Македонија како целина, бидејќи на тој начин ќе ја потврдиме онаа наша цел, а тоа е да бидеме крстосница на два многу значајни паневропски коридори, коридорот 10 и коридорот 8,“ рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање до каде се подготовките за третата фаза.
Тој нагласи дека постигната е согласност со Бугарија и дека со одлука на Владата е активиран грантот за техничка поддршка од Европската инвестициска банка. „Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување на јавен повик за изградба на третата фаза, со што практично ќе ја заокружиме целата делница од Куманово до границата со Бугарија,“ појасни премиерот.
Мицкоски додаде дека и на бугарската страна процесот добро напредува, што значи дека Коридорот 8 наскоро ќе биде целосно исполнет.
Во однос на Коридорот 10, тој потсети дека проектот се реализира во соработка со Владата на Обединетото Кралство и дека таму се во „напредна фаза“.
„Така што убави вести, убави моменти ќе има за Македонија и граѓаните во периодот којшто следи,“ нагласи премиерот Мицкоски.
