|

Општина Кочани започнува со уривање дивоградби во Трговскиот центар на градот

По решение од градежен инспектор, во петок, 5 септември, во попладневните часови ќе започне уривањето на дивоградби што ја загрозуваат безбедноста во Трговскиот центар во Кочани, информираат од Општината преку писмено соопштение.

Од таму појаснуваат дека доколку до тој период сопственикот на нелегалниот угостителски објект на терасата сам не ја отстрани дивоградбата, интервенцијата ќе ја спроведе Општина Кочани преку економски оператор избран со јавна набавка.

„На 28 април актуелниот в. д. градоначалник Венко Крстевски одржа состанок со угостителите од Кочани, информирајќи ги дека Општината ќе се залага за хуманизација на просторот и дека безбедноста е првата причина поради која нема да се прават отстапки со узурпација на јавните површини,“ се наведува во соопштението.

Дополнително, се потсетува дека на 18 јуни Крстевски поднел кривична пријава за узурпација на јавна површина и бесправна градба против угостители кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. „И по трагедијата во „Пулс“ има угостители што работат нерегуларно и незаконски, со што покажуваат дека поважен им е личниот профит отколку безбедноста и здравјето на граѓаните, на жителите во зградите каде што се лоцирани објектите, но и на самите посетители,“ се истакнува во соопштението.

Со најавата за уривање на нелегалните објекти, в. д. градоначалникот Крстевски потсетува дека јавната површина е јавен интерес и нагласува дека нема да има никаква толеранција кон угостителските објекти што го узурпираат јавниот простор и создаваат безбедносен ризик.



Слични Објави