|

Намален број првачиња во Струмица, Битола и Охрид – тренд на иселување и празни училишта во руралните средини

За 10 отсто е намален бројот на запишани првачиња во Општина Струмица во новата учебна 2025/2026 година во однос на лани. Минатата година во прво одделение тргнаа 556 деца, а сега бројката е 492. Дел од населените места како Дорломбос, Мемешли и Попчево останаа без ниту еден ученик, а во други има само по едно до две деца.

Слична е состојбата и во Битола, каде годинава се запишале 651 прваче, за 116 помалку од лани. Општината најавува мерки за подобрување на условите, изградба на нови градинки и спортски сали, како и финансиска поддршка од 3.000 денари за секое дете.

Во Охрид се забележува пад од 13 ученици во споредба со минатата година – запишани се 422 првооделенци. Лани биле 435, а во 2022/2023 бројката изнесувала 523. Денес таму беше пуштена во употреба новата зграда на ОУ „Кочо Рацин“.

Тетово е еден од ретките градови каде бројот на првачиња не е намален. Годинава во 12-те училишта се запишани 930 ученици, но во планинските села како Бозовце и Вешала училиштата се затворени поради иселување на населението.

Општините предупредуваат дека трендот на намалување на бројот на првоодделенци е последица на миграцијата и негативната демографска слика, што носи ризик за целосно згаснување на дел од училиштата, особено во руралните средини.



Слични Објави