Осум случаи доставени до Интерната комисија за можни неправилности во кардиохируршки интервенции
Осум медицински досиеја се доставени до Интерната комисија формирана од Министерството за здравство по информациите за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции. Министерот за здравство, д-р Азир Алиу, на денешната прес-конференција информираше дека за овие случаи е побаран и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.
„Пред неколку недели, јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствени установи. Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. До Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа медицински факти,“ посочи министерот.
Алиу прецизираше дека досиејата се доставени од јавна здравствена установа, а не од поединци. На документот поднесен до Министерството за здравство и Фондот за здравство се потпишани 16 лекари од Универзитетската клиника за кардиологија и Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.
Комисијата ќе се состане утре, а доставените досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува. Во нејзината работа ќе учествуваат и тројца странски експерти, најверојатно од Словенија, Италија и Австрија.
„Граѓаните сакаат и треба да бидат сигурни дека кога бараат здравствена услуга, ја добиваат врз основа на реална потреба и медицински докази, а не врз основа на паушални оценки или коруптивни мотиви,“ истакна министерот.
Министерот подвлече дека никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, доколку се докаже дека бил вклучен во интервенции без медицинска оправданост. Истовремено, никој нема да биде стигматизиран без докази.
„Отпочнат е чувствителен, но неопходен процес. Ќе го водиме објективно, стручно и транспарентно, нема да има компромиси со било кои очекувања или интереси. На крајот, фактите и доказите се тие кои ќе зборуваат,“ додаде Алиу.
