| |

Бугарија, Грција, Србија и Северна Македонија разговараа за проширување на Вертикалниот гасен коридор

Претставници на Бугарија, Грција, Србија и Северна Македонија во Атина разговараа за проширување на т.н. Вертикален гасен коридор и зајакнување на регионалната енергетска соработка, јавува БТА.

На средбата учествуваа грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру, српската министерка Дубравка Хандановиќ, министерката за енергетика на Северна Македонија Сања Божиновска и заменик-министерот за енергетика на Бугарија Кирил Темелков.

Главна тема беше проширувањето на Вертикалниот коридор — систем на гасни врски што ги поврзува енергетските мрежи во Југоисточна Европа и овозможува транспорт на природен гас од грчките LNG терминали кон Балканот и Централна Европа.

По средбата, Папаставру изјави дека четирите држави се согласиле коридорот да се прошири кон Северна Македонија и Србија, како и соработката да добие постојан институционален формат.

Србија најави дека до крајот на 2027 година планира да го заврши интерконекторот со Северна Македонија, со капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас. Белград предвидува инвестиции од 1,2 милијарди евра во гасна инфраструктура во следните години.

Министерката Сања Божиновска посочи дека Северна Македонија работи на гасната врска со Грција, а постапката за проектот со Србија веќе е започната. Според неа, врската Грција – Северна Македонија – Србија може да биде оперативна до крајот на следната година.

На состанокот било разговарано и за електроенергетската поврзаност, при што Бугарија ја истакнала својата улога во проектот „Исток-Запад“ за подобрување на преносот на електрична енергија меѓу Балканот и Апенинскиот Полуостров.

Учесниците се договорија четиристраниот формат да стане постојан, а следната средба да се одржи во септември во Белград.

Слични Објави