Бугарија ќе добие над 3,2 милијарди евра од новиот европски одбранбен механизам SAFE
Европската комисија соопшти дека Бугарија ќе добие повеќе од 3,2 милијарди евра преку новиот европски механизам „Акции за безбедноста на Европа“ (SAFE), чија цел е зајакнување на капацитетите на Европската унија во областа на безбедноста и одбраната, јавува БНР.
Вкупниот буџет на програмата изнесува 150 милијарди евра и е насочен кон стратешки инвестиции во одбраната. SAFE предвидува долгорочни нискокаматни заеми за земјите членки, со грејс-период од 10 години за отплата, кои ќе помогнат во набавката на критично неопходна воена опрема.
Во програмата учествуваат 19 земји од ЕУ, меѓу кои и Бугарија, кои ќе можат да аплицираат за финансирање надвор од сопствените национални буџети. Главната цел е да се забрза надминувањето на постоечкиот недостаток на воените ресурси и да се создадат услови за заеднички набавки на воена техника.
SAFE исто така ќе овозможи вклучување на Украина уште од самиот почеток преку поврзување на нејзината одбранбена индустрија со европскиот механизам.
Земјите членки треба да подготват и достават национални инвестициски планови до крајот на ноември 2025 година, а по нивната проценка од страна на Европската комисија, првите исплати се очекуваат на почетокот на 2026 година.
