Сите службени возила ќе добијат црвени таблички до 15 септември
До 15 септември сите службени автомобили во земјава ќе мора да добијат нови, црвени регистарски таблички, со цел да се намали нивната злоупотреба за приватни потреби. Промоцијата на новите ознаки веќе беше направена пред СЦ „Борис Трајковски“, со возила од Царината и Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Ова е суштинска реформа што ја зајакнува довербата на граѓаните,“ изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Доколку институциите не ја исполнат обврската до утврдениот рок, возилата ќе добијат црвени таблички при наредната регистрација. Во Македонија има околу 7.500 службени возила – бројка поголема од сите соседи: Србија (6.000), Црна Гора (4.700) и Хрватска (4.000). За споредба, Германија има под 1.000, а Шведска десетина.
Иако мерката носи повеќе транспарентност, законот не предвидува казни за функционери што би ги користеле автомобилите приватно. Антикорупциската комисија предупредува дека тие често се злоупотребуваат за време на изборни кампањи и бара воведување на евиденција и санкции.
