|

Собранието едногласно усвои декларација за фер локални избори

Собранието на Република Северна Македонија денеска со 73 гласа „за“ и без ниту еден „против“ усвои декларација за обезбедување фер, слободни и демократски локални избори. Документот, поднесен од претседателот Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи, има за цел да гарантира надпартиско единство и транспарентен изборен процес.

Во декларацијата се осудуваат семејното и групното гласање, говорот на омраза, насилството, дискриминацијата, злоупотребата на државни ресурси и изборната корупција, а се бара и еднаков медиумски пристап за сите учесници во кампањата.

Иако усвоена едногласно, дебатата беше напната, особено меѓу пратениците од албанскиот блок. Скендер Реџепи од „Европски фронт“ ја нарече декларацијата „празен лист“, додека Аднан Азизи од ВЛЕН го обвини за измама. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека несогласувањето е изненадувачко, бидејќи декларацијата била потпишана од координаторот на „Европски фронт“.

Претседателот Гаши потенцираше дека документот не е само формалност, туку обврска на сите партии да овозможат избори без инциденти, притисоци и говор на омраза. Со оваа декларација, Собранието испрати порака за политичко единство и заштита на демократските стандарди пред претстојните локални избори.

Слични Објави