Албанија го отвора Кластерот 4 во преговорите за членство во ЕУ
Албанија на 16 септември, на шестата меѓувладина конференција за пристапување, официјално ќе го отвори Кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, соопшти Советот на ЕУ. Овој кластер ги опфаќа четирите поглавја: транспортна политика (14), енергија (15), трансевропски мрежи (21) и животна средина и климатски промени (27).
Во периодот од октомври 2024 до мај 2025 година, Албанија успеа да отвори четири кластери: 1 (фундаментални), 2 (внатрешен пазар), 3 (конкурентност и инклузивен раст) и 6 (надворешна политика). Со оваа динамика, земјата за осум месеци отвори вкупно 27 поглавја од пристапните преговори.
Неотворен останува само Кластерот 5, кој се однесува на ресурси, земјоделство и кохезија.
Албанија го започна патот кон членство во Европската Унија во 2009 година со поднесување на апликацијата. Статус на кандидат доби во 2014 година, а првата меѓувладина конференција меѓу Тирана и Брисел се одржа во 2022 година.

