Синоќа жителите на Аеродром повторно излегоа на протест за чист воздух
Синоќа жителите на скопската општина Аеродром за шести ден поред излегоа на улиците, протестирајќи против загадениот воздух и неподносливиот мирис кој веќе речиси една недела се чувствува низ повеќе делови од градот. Причината, велат тие, е пожарот што гори на депониите Вардариште и Дрисла.
Маршот започна од крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“, а заврши пред зградата на општината. Најмногубројни и најгласни беа децата, кои со гордост ги носеа транспарентите што самите ги изработиле.
Протестантите порачаа дека нема да престанат со протестите сè додека институциите не преземат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето и опасноста што ја предизвикуваат депониите.

