СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја задушија метрополата во чад и лаги за депониите
Скопје денеска се гуши во чад од горење на депониите, а граѓаните ја плаќаат цената со своето здравје поради неспособноста и лагите на ВМРО-ДПМНЕ, реагира СДСМ.
„Даме Димитровски, актуелен советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на Комисијата за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управниот одбор на Дрисла. Ќе побара ли Мицкоски одговорност од него?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ имале и директор на „Дрисла“ – Јане Мицевски, магистер за туризам и менаџмент, без никакво соодветно искуство за управување со ваква установа.
„Со депонијата Вардариште со децении управуваат нивни градоначалници, од Коце Трајановски до Бобан Стефковски. Пред четири години ветуваа фабрика за селекција на отпад во Дрисла, затворање на Вардариште, зелени зони и спортско-рекреативни терени, па дури и дислокација. Поминаа четири години, ништо од тоа не е реализирано. Скопје остана жртва на нивните празни ветувања“, наведуваат од СДСМ.
СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски не само што не исполниле ништо, туку дозволиле депониите секојдневно да го трујат градот.
„За еколошката катастрофа што секој ден ја живеат скопјани, вината е целосно кај ВМРО-ДПМНЕ и нивните неспособни кадри и градоначалници“, стои во соопштението.
