„Стоп Вардариште“ најавува утрински и вечерен протест во Скопје
Граѓанската иницијатива „Стоп Вардариште“ објави дека во понеделник, 15 септември 2025 година, ќе организира два протеста против депонијата Вардариште. Покрај најавениот собир во 18:00 часот, ќе има и утрински протест кој ќе започне во 07:30 часот со блокада на мостот „Близнаци“ меѓу општините Аеродром и Гази Баба.
Од иницијативата објаснуваат дека се одлучиле на ваков чекор „поради, како што нагласуваат, игнорантскиот однос на надлежните органи кон нивните барања и сѐ поголемото труење на граѓаните предизвикано од депонијата Вардариште“.
Организаторите испратија и порака до компаниите: „Ги повикуваме работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа тој ден поради блокадата“.
„Овој протест е апел за здравје, живот и иднина на сите скопјани. Нема да застанеме додека не се преземат конкретни мерки за конечно затворање на Вардариште“, се додава во соопштението.

