| |

ГДУ-КУМАНОВО: ПРАВДА ЗА КИКО МОРА ДА ИМА, ОДГОВОРНОСТ МОРА ДА ИМА!

„Се наоѓаме на локацијата Шупли Камен во Куманово каде се врши експлоатација на песок, чакал и речен камен и која е олицетворение на сето она како не се работи. Има пречекорувања на сите овластувања и дозволи, кои до ден денес не се официјализирани од ниту еден државен орган. Иако е добиена дозвола-согласност за просторно уредување на речното корито, погазени се и Законот за водите и Законот за животна средина. Она што требало да биде уредување на речно корито за добробит на локалното население, но и за посети од страна, е претворено во гола, сурова експлоатација на песок и чакал. Она што е замислено како уредување на животна средина е претворено во уништување на истата од користољубие на мала група бизнисмени. Ова не смее да се дозволи, ниту да се премолчи. Мора да се спроведе надзор и истрага што и како се работи.

Сепак, за местото се поврзува уште еден настан. Младо дете на неполни 15 години трагично настрада на истото место. Дете кое требаше да биде наша иднина, наша гордост, поради туѓи интереси и бескрупулозни постапки го изгуби животот. Општата опасност создадена овде му го одзеде животот, кој допрва започнуваше.

Ние, Граѓанско Демократска Унија, како општествено одговорна политичка партија, бараме за овој настан целокупна истрага, од страна на Јавното Обвинителство и МВР, но и од сите засегнати инспекторати. Има материјал за работа за сите нив. Ние бараме кривична одговорност за правните лица и нивните одговорни лица за она што веќе го имаат сторено. Овде нивната небрежност е изденачена со нивната вина и одговорност мора да биде на нивото што ова младо дете го заслужува.

Останатите одговорни да си понесат политичка одговорност. Нема изговор дека никој ништо не знае затоа што ова е јавно приватно партнерство во кое државата мора да води надзор и контрола дали се е според законот. Она што веќе им е етаблирано како дозвола a priori за се мора да им го смениме. Акциите ќе бидат преземани. Очекуваме поддршка од граѓаните, а одговорност и транспарентност од државните органи.

Правда за Кико мора да има. Одговорност мора да има. ГДУ ќе преземе сѐ во своја моќ да се дојде до тоа, во најкус можен рок“, изјави во своето видео обраќање претседателот на ГДУ-Куманово, Перица Спасовски.

Слични Објави