(Видео)Традицијата на бугарското градинарство во Унгарија впишана во Националниот регистар за нематеријално културно наследство на УНЕСКО
Традицијата на бугарското градинарство во Унгарија е впишана во Националниот регистар за нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Веста ја објави претседателот на Бугарското републичко самоуправување д-р Данчо Мусев за време на свеченостите во Унгарија по повод Денот на Соединението и Денот на независноста на Бугарија, пренесува БНР.
Бугарите во Унгарија традиционално ги одбележуваат двата празника на 13 септември во Халастелек, каде денот започна со полагање венци пред споменикот „Бугарски долап“, издигнат во чест на бугарските градинари – основачи на населбата.
„Впишувањето на традицијата на бугарското градинарство во регистарот на УНЕСКО е плод на вековниот труд на нашите предци и на напорите на бугарската заедница денес. Бугарското градинарство во Унгарија не е само историско наследство, туку живо знаење и практика што се пренесува на следните генерации преку општински градини, училишта, детски градинки и семејни традиции,“ соопштија од Бугарското училиште и детска градинка во Будимпешта.
Членот на редакцијата на „Бугарски вести“ во Унгарија, Јордан Тутунков, изјави за БТА дека како дел од напорите за зачувување и претставување на градинарското наследство започнало соработка со Етнографскиот музеј на отворено во Сентендре.
„Заеднички работиме на создавање на примерна бугарска градина, која автентично ќе ги претстави земјоделските техники на нашите предци, како и животот на бугарските градинари. Проектот ќе ги запознае посетителите со придонесот на Бугарите кон унгарската аграрна култура и ќе покаже што значи да создаваш живот и егзистенција со труд, знаење и упорност,“ нагласи Тутунков.
Свеченото врачување на удостоверението ќе се одржи на 17 октомври во Сентендре, два дена пред празникот на Свети Јован Рилски, кој е прогласен и за Ден на бугарско-унгарското пријателство.

