Безбедносните служби неутрализираа дрон над владини згради во Варшава, уапсени двајца Белоруси
Полските безбедносни служби синоќа неутрализираа дрон кој летал над владини згради во центарот на Варшава, соопшти премиерот Доналд Туск, јавува БГНЕС. Двајца државјани на Белорусија се уапсени во врска со инцидентот, додека полицијата спроведува истрага.
„Пред малку, Службата за владина безбедност неутрализира дрон кој дејствувал над владините згради (улица Паркова) и Белведер“, напиша Туск на социјалната мрежа X. Белведер е една од официјалните резиденции на претседателот на Полска.
Инцидентот доаѓа само неколку дена по масовното нарушување на полскиот воздушен простор, кога бран руски дронови навлегоа над територијата на земјата. Тоа предизвика западните сојузници за првпат да соборат руски цели во текот на конфликтот во Украина, што дополнително ги зголеми тензиите во регионот.
Улицата „Паркова“ во Варшава е дел од строго обезбедуваната зона во која се наоѓаат владини институции, Белведер и повеќе странски амбасади, меѓу кои и руската. Подрачјето е прогласено за забранета зона за летови на дронови, освен со специјално одобрение, а прекршителите се соочуваат со казна до пет години затвор, според официјалните информации на градските власти.
