Бугарија се збогува со својот духовен водач патријархот Неофит
Бугарија се збогува со својот духовен водач – патријархот Неофит, јавува БГНЕС. За да го испратат на неговиот последен пат во Софија пристигнаа Вселенскиот патријарх Вартоломеј и патријархот на Украинската православна црква Епифаниј.
Од рано изутрина стотици мирјани, претставници на бугарското и странско свештенство се собраа во соборниот храм „Свети Александар Невски“ за да го испратат блажениот патријарх, кој по долго боледување нè напушти на 13 март.
Околу ковчегот со смртните останки на патријархот Неофит е стационирана почесна гарда. Во Патријаршискиот соборен храм деновиве се служи света Литургија.
Има стотици кои сакаат да се поклонат пред патријархот Неофит, меѓу нив беше и последниот бугарски цар и поранешен премиер Симеон Сакскобургготски.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј заедно со претставниците на другите помесни православни цркви ќе го предводи богослужението за патријархот Неофит.
Бугарскиот патријарх ќе биде пренесен во неговиот последен дом – митрополитската црква „Света Недела“ во истата кочија што била користена во 1943 година за погребот на цар Борис Трети Обединител. Кочијата за БПЦ е обезбедена од армијата.