|

СДСМ бара оставка од министерката Весна Јаневска поради недостиг на учебници

Половина месец од почетокот на учебната година, илјадници ученици сè уште немаат учебници, обвини денеска СДСМ преку партискиот портпарол Јованче Манасков.

Манасков истакна дека ова е „најдобар доказ за целосната неспособност на министерката за образование и наука, Весна Јаневска“, потсетувајќи дека таа пред стартот на школската година тврдеше оти на 1 септември ќе има нови и неоштетени учебници за сите ученици.

„Реалноста е поразителна – учебници нема, а тие што ги има се искинати и неупотребливи. Со една работа се пофали Јаневска и излажа“, порача Манасков.

Тој го оцени како „скандалозно“ признанието на министерката дека учебници недостигаат и дека ќе се обезбедуваат преку донации.

„Што му е работа на Министерството – да моли донации или да обезбеди книги на време? За што е платена Весна Јаневска – за сликање или за обезбедување на основни услови за настава?“, праша Манасков, додавајќи дека учениците, родителите и наставниците не смеат да бидат жртви на неспособност.

СДСМ бара оставка од министерката Јаневска, потенцирајќи дека образовниот систем мора да функционира и дека е време за преземање одговорност.



Слични Објави