Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ со порака до своите сограѓани: „Да застанеме заедно за нашите ангели“
На социјалните мрежи се појави емотивна објава од родителите на 62-та млади животи што трагично згаснаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во пораката тие повикуваат на достоинствено сеќавање и масовен одѕив на следниот марш на солидарност и почит.
Објавата доаѓа по масовната посета на концертот на Дино Мерлин во Штип, во рамките на настанот Пастрмајлиада.
Ви ја пренесуваме пораката на родителите во целост и без уредничка интервенција:
“Кочани: ЕДИНСТВО ШТО ИНСПИРИРА”
Синоќа скоро цело Кочани патуваше 30 километри до Штип на концерт.
А градоначалникот на Штип, ете, предизборно најде време и срце да ги покани повредените деца и да им обезбеди маси за Дино Мерлин.
Респект за гестот, респект за одзивот!
А ние се прашуваме… Кочанчани, ако можевте 30 километри до Штип, зарем 300–400 метри до Паркот на револуцијата се премногу ?
Таму не ве чекаат ѕвезди на сцена, туку споменот на вашите другари и другарки – 62 ангели што таа кобна ноќ ја оставија младоста на овој град.
Наши сограѓани, родители – ве очекуваме на следниот марш.
Не за концерт, не за медиуми, туку за човечка почит. За вистинска правда за вашите другари, пријатели, братучеди, внуци, сограѓани.
Кочани знае и умее да се сплоти кога е најпотребно.
Да застанеме заедно, да се потсетиме, да се поклониме пред оние што повеќе не се со нас – нашите ангели.
За 62 светлосни траги кои ја оставија младоста на овој град, за секоја насмевка која ќе недостасува, за секој срцев удар на сеќавањето – да покажеме дека споменот живее и дека љубовта и почитта остануваат засекогаш

