Министерството за правда на меѓународна работилница за трансформација на јавните услуги преку вештачка интелигенција во Сингапур
Советникот на министерот за правда, Леона Кичеец, учествуваше на петдневната работилница „Transforming Public Service with the Power of Artificial Intelligence (AI)”, која се одржа во Сингапур. Настанот беше посветен на поддршка на владини претставници и лидери во јавниот сектор од земјите во развој со цел користење на вештачката интелигенција за подобрување на ефикасноста, транспарентноста и иновативноста на јавните услуги.
Особен акцент за Министерството за правда имале дискусиите поврзани со примената на вештачката интелигенција во правосудниот систем – од зголемување на пристапот до правда, преку јакнење на довербата во институциите, до создавање поефикасни и правично насочени процеси.
За време на работилницата беа обработени повеќе теми: современите примени на AI во различни сектори, градење институционални капацитети за користење на новите технологии, заштита на етиката, приватноста и безбедноста во дигиталното управување, како и примената на генеративна AI за подобрување на јавните услуги.
Министерството за правда истакна дека ја препознава потребата од интеграција на нови технологии во правосудниот систем како предуслов за поефикасно, транспарентно и граѓански ориентирано правосудство.
