Да ја прекинеме фарсата: Преговарачката рамка се „црвените линии“ на Северна Македонија
Ивон Величковски
Оттука иницијативите за резолуции, стратегии и повиците за произнесување на Владата се познат метод на уфрлање државни прашања во локални избори.
Како што традиционалните партии за парламентарни избори зборуваат за градење локални патишта и паркови.
Ако било која парламентарна партија сакаше продолжување на преговорите – до сега ќе ги поднесеше потребните уставни амандмани.
На крајот на минатата година, НОВА РЕПУБЛИКА го повика СДСМ тоа да го стори до јануари 2025.
ДУИ и ВЛЕН не можеа да ја одбијат оваа иницијатива.
ВМРО-ДПМНЕ можеше да бира: да оди на предвремени избори без дополнително да ја задолжува државата или да си ја подвитка опашката.
При Собрание на изборен „распуст“ до крајот на локалните избори, па конституирање на локалните власти, па новогодишно-божиќни празници – Предлогот на „Бихаќка“ е само „миење раце“. Без сапун.
Еве повторно повик – опозициските пратеници имаат потребен број пратеници.
Утре нека ги започнат процедурите и до крајот на неделата нека ги поднесат амандманите, повикувајќи ги сите пратеници кои сакаат да ги потпишат.
Нема потреба да се чека произнесување на Владата по предлогот од претходниот мандат – ако Мицкоски сакаше, тоа до сега ќе го стореше.
Опозицијата нема власт, но има инструменти со кои ќе ја исцрта позицијата на власта – исцртувајќи ја својата. Ако е парламентарната опозиција е опозиција, а не покритие за Владата.
Вака, овој повик останува само срамежлива понуда за голема коалиција – за големо промашување кое треба да овозможи договорот на неколку семејства и (потомците на) олигарсите од раните 1990-ти да продолжи и во 2020-тите.
Истите партии, медиуми и аналитичари задолжени да ја игнорираат децениската економско-финансиска гангрена проширена во правосудството и институциите – денес се задолжени да ги правдаат тезите за „големи коалиции“ на истите мислители и политички чинители кои го произведоа Уставот од 1991, транзицијата по теркот на олигархијата и 2001 како нивен плод. Истите кои „не го даваа името“ – па го променија, а сега „цртаат идентитетски црвени линии“ додека земјата се празни.
Очекувањето дека истите луѓе со истите економски, финансиски и политички цели ќе произведат напредок на земјата што ја потонаа во овие 35 години е траги-комично.
Сакате исчекор? Едноставно е – утре поднесете ги уставните амандмани.
Преговарачката рамка е европскиот патоказ на движење кон полноправното членство почитувајќи ги „црвените линии“ на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија.
А потоа предложете ги и законите за дополнување на рестриктивните мерки, Кривичниот законик кој втора година седи во фиока, а беше изработен со европски експерти, законот за проширена конфискација – и законот за отворање на досиејата на поранешните служби.
Дополнете го списокот слободно.
За да излеземе од „српскиот свет“ и да влеземе во европскиот континент и ЕУ.
