Гаши: Сите учесници на изборите да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во пресрет на почетокот на кампањата за локалните избори на 19 октомври, упати апел до сите учесници во процесот да покажат висока политичка и граѓанска култура.
„Изборите не се институционална формалност. Тие се основно право и реален инструмент за граѓаните да изберат раководители со интегритет, визија и посветеност кон јавниот интерес. Свесен за обединувачката должност што ја имам, чувствувам обврска да упатам јасен повик до сите политички субјекти, кандидати и организациски структури, институциите и медиумите, активистите и граѓаните: да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура. Да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси.“
Тој потсети дека Собранието веќе ја усвои Заедничката декларација за фер и демократски избори и нагласи дека почитувањето на документот е морална и политичка обврска за сите учесници.
„Политичката трка треба да се води во духот на здрава демократија – како натпревар на идеи и програми, без инциденти, заплашувања и навреди. Демократијата не се мери со победата на една партија, туку со достоинството на изборниот процес,“ порача претседателот на Собранието.
Гаши им посака успех и достоинствена кампања на сите кандидати и партии, додавајќи дека „кога чесноста ја води трката, победник е целото општество.

