Бугарскиот атлетичар Ружди Ружди со шеста светска титула и нов светски рекорд во Делхи
Бугарскиот атлетичар Ружди Ружди ја освои својата шеста светска титула во класата F55 на фрлање ѓуле на Светското првенство за лица со попречености во Делхи, Индија. Двократниот олимписки шампион од Рио де Жанеиро 2016 и Париз 2024 стигна до златото со нов светски рекорд, подобрувајќи го своето сопствено најдобро достигнување за 26 сантиметри, јавува БНР.
Ружди поведе уште со првиот обид од 12.38 метри, еден од само два над 12 метри во финалето, и остана недостижен до крајот. Во последниот обид успеа да постави нов рекорд – 12.94 метри, надминувајќи го досегашниот врв од 12.68 метри, постигнат на СП во Париз 2023.
Ова е негова трета последователна и вкупно шеста светска титула во класите F55 и F56. Првата ја освои во Доха во 2015 година, а дополнително е и трикратен европски шампион во различни категории меѓу 2014 и 2016 година.
Среброто во Делхи го освои Србинот Небојша Ѓуриќ со 12.52 метри, кој исто така беше втор зад Ружди на Параолимпијадата во 2024. Бронзата замина кај Полјакот Лех Столтман со 12.02 метри.
Во женската конкуренција, Бугарката Фатме Исмаил заврши деветта во класата F13 во фрлање копје со најдобар обид од 18.20 метри. Светска шампионка стана Жао Јупинг од Кина со резултат од 45.22 метри – најдобар за сезоната. На подиумот се најдоа уште Кенјанката Шеила Уанјони (38.63) и Ана Кулинич-Сорокина (37.74), која се натпреварува со неутрален статус.
На шампионатот во Делхи учествуваат и бугарските атлетичари Христијан Стојанов и Стела Енева.
