|

МВР: Безбедноста на новинарите е врвен приоритет, во тек формирање на национален комитет за заштита

Министерството за внатрешни работи ја истакнува својата посветеност кон унапредување на безбедноста на новинарите и слободата на медиумите, оценувајќи ги како темел на демократското општество.

Како дел од таа заложба, на официјалната веб-страница на МВР е поставен линк до регистарот на напади врз новинари што го води Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Регистарот содржи информации за видот на нападот, локацијата, статусот на пријавата и текот на постапките.

„Безбедноста на новинарите за МВР е еден од врвните приоритети, а резултатите од нашата посветеност се веќе видливи. Контакт-точката која беше воспоставена придонесе за побрзо и поефикасно решавање на случаите поврзани со новинарите,“ велат од Министерството.

Во тек е и процесот за формирање национален комитет за заштита на новинари – меѓуресорско тело составено од институции и невладини организации, кое по неговото финализирање ќе изработи Национален акциски план за заштита на новинарите. Овој чекор е дел од кампањата на Советот на Европа „Safety of Journalists“.

Од МВР истакнуваат дека координацијата меѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво, што овозможува ефикасно решавање на случаите на напади врз медиумските работници. Дополнително, Прирачникот за безбедност на новинарите, изработен во координација со ЗНМ и Јавното обвинителство, е веќе во примена и редовно се ажурира.

Министерството апелира до сите новинари веднаш да пријават какви било закани, вербални или физички напади, или други видови притисок. „Обврска на МВР е да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста да биде информирана,“ нагласуваат од институцијата.

Со заедничка работа на полицијата, обвинителството, новинарските здруженија и граѓанските организации, МВР уверува дека ќе продолжи да гради безбедна средина во која новинарите ќе можат слободно и без страв да ја извршуваат својата професија.

Слични Објави