Полицијата откри седум мигранти кај Демир Капија – уапсени двајца криумчари
Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово на 9 октомври 2025 година ги лишиле од слобода Б.М. (25) и В.Ч. (27), двајцата од Неготино, под сомнение за криумчарење мигранти.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, ден претходно, на 8 октомври околу 18:20 часот, на автопатот Демир Капија – Неготино, на место викано Острово, полициски службеници извршиле контрола во патничко возило „Шкода“ со скопски регистарски ознаки.
При контролата биле затекнати седум мигранти – шест државјани на Египет, меѓу кои пет малолетници, и едно лице од Ирак.
По преземените мерки било утврдено дека В.Ч. со возило „Опел Астра“ со неготински регистарски ознаки дејствувал како претходница, движејќи се пред возилото со мигрантите и го известувал Б.М. за поставеноста на полициските патроли долж патот.
За случајот бил известен јавен обвинител, а лицата се задржани во полициска станица.
Откако ќе биде целосно документиран случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

