Меланија Трамп посредувала за ослободувањето на украински деца киднапирани во Русија
Првата дама на САД, Меланија Трамп, изјави дека успеала да посредува во ослободувањето на неколку украински деца кои биле одведени во Русија, откако воспоставила таен канал за комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Во ретко јавно соопштение од Белата куќа, Меланија откри дека во изминатите неколку недели водела тајна дипломатска преписка со Путин, по самитот меѓу него и нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп, кој се одржа во Аљаска.
Според неа, осум украински деца, раселени поради руската инвазија во 2022 година, биле вратени кај своите семејства во последните 24 часа.
„Многу нешта се случија откако претседателот Путин го доби моето писмо во август. Тој ми одговори писмено и изрази подготвеност да разговара директно со мене за благосостојбата на децата кои се наоѓаат во Русија“, изјави Меланија Трамп.
Таа додаде дека од тој момент постои „отворен канал за комуникација“ меѓу неа и рускиот лидер, преку кој се разменуваат информации и координираат активности за враќање на децата во Украина.
„Мојот претставник работи директно со тимот на претседателот Путин за да се осигура безбедното враќање на децата кај нивните семејства. Во последните 24 часа осум деца веќе беа успешно вратени дома“, нагласи првата дама.
Иако не откри детали за методот на идентификација на децата или идните планови, нејзината изјава предизвика голем интерес, бидејќи станува збор за редок случај на директна комуникација меѓу висок претставник на Белата куќа и Кремљ во текот на продолжениот конфликт во Украина.
Според меѓународните организации, илјадници украински деца се уште се наоѓаат на руска територија, а нивното враќање е еден од клучните хуманитарни приоритети во рамки на војната која трае веќе повеќе од три години.

