|

Притвор за сопственикот на „Марковски компани“, Судот ја уважи жалбата на обвинителството од Битола

Кривичниот совет при Основниот суд во Битола го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и му одреди мерка притвор на сопственикот на правното лице „Марковски компани“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Со оваа одлука е уважена жалбата на обвинителството и се преиначува првичната одлука на судијата на претходна постапка, кој претходно му определи куќен притвор на осомничениот.

Од ЈОРСМ наведуваат дека прифаќањето на жалбата се должи на аргументите во поглед на ризикот од бегство, бидејќи осомничениот поседува значителен имот во друга држава. Обвинителството уште очекува одлука по поднесената жалба за куќниот притвор на раководителот во РЕК Битола.

Битолското обвинителство вчера реагираше на одлуката на Судот, со која двајца од осумте осомничени во случајот за злоупотреби со јавни набавки во РЕК „Битола“ требаше да одат во куќен притвор. Обвинителството бараше мерка затворски притвор за еден од раководителите на Рудници во РЕК и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Комбинатот.

Одлуката на судот предизвика и политички реакции. ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „срамна“, обвинувајќи го судството дека ги заштитува криминалците.
„– Срамна одлука на Судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор… Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи…“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Јавното обвинителство отвори истрага против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. Петмина службени лица, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и раководители во ПЕ Рудници, се сомничат дека во 2023 година со злоупотреба на службената положба овозможиле на друго лице да прибави корист од штета на Комбинатот.

Во истрагата се опфатени и сопственикот и вработени во „Марковски компани“, кои се сомничат дека доставувале фактури за неизвршени работи и незаконски наплатиле 106.200.000 денари од РЕК Битола. Управата за финансиска полиција обезбедила докази кои, според обвинителството, потврдуваат основано сомнение за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.



Слични Објави