|

Бујар Османи најави три итни приоритети за Чаир: Хигиена, антикорупција и легализација

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, најави три итни приоритети што би почнале веднаш по неговото евентуално преземање на функцијата: масовно чистење на општината, воспоставување антикорупциски механизам и забрзано решавање на сите постапки за легализација.

Во соопштението што го пренесе МИА, Османи постави конкретни рокови за секоја од задачите. За подобрување на хигиената и јавните површини, најави дека Чаир ќе биде целосно исчистен во првите 100 дена:

„Ако во првите сто дена не го исчистам Чаир, нема да продолжам понатаму,“
нагласи тој, нарекувајќи ја оваа задача „најлесна, но најважна“ поради нејзиното директно влијание врз секојдневието на жителите.

Вториот приоритет е воведување на антикорупциски систем со нулта-толеранција во истиот временски рок. Османи најави дека секоја одлука на општината ќе има јасна процедура и проверливи траги, со цел целосно искоренување на корупцијата:

„Ако во првите сто дена не ја сведам корупцијата на нула, нема да продолжам понатаму,“
рече тој, без да ги открие деталите за механизмот.

Третата мерка се однесува на расчистување на сите нерешени предмети за легализација и справување со дивоградбите. Османи најави дека во рок од шест месеци ќе бидат решени сите барања и ќе се заштитат купувачите кои биле измамени при купување станови:

„Ако се појави папка за легализација што стои во фиока за уцени пред избори, нема да продолжам понатаму,“
истакна кандидатот.

Османи порача дека неговата понуда се темели на лична одговорност и на досегашното искуство во јавните функции, нагласувајќи дека секогаш работел „со резултати“. Според него, приоритетите имаат за цел да ја вратат довербата на граѓаните и да го прекинат впечатокот дека „истите групи“ профитираат на нивна сметка, а младите заминуваат поради нефункционалност на институциите.

Слични Објави