Изборите организирани за традиционалните партии и нивните „независни“ деривати ја компромитираа излезноста
Ивон Величковски
Ова беше „максимум“ излезност при вака намерно отсуство на теми и различни приоритети на општествата на Македонците и Албанците.
Намалената излезност кај Македонците произлезе од обидот за одржување на политичката непретставеност на Македонците од традиционалните политички партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Левица…) и дериватите произлезени од разните „шарени и независни шанси“ формирани во 2021.
Партиите знаеја дека камелеонството заврши.
Сега со тоа се соочија оние кои прво беа „граѓански активисти“, па станаа „експерти“ и на крајот, оставени без ен-џи-о грантови – станаа она што навистина се: обични подизведувачи на зарибаните машинерии на традиционалните партии.
Единствено во Кочани независниот кандидат значи спротивставување на премолчаната коалиција меѓу традиционалните партии.
Македонците покажаа дека бараат професионални политичари 24/7, а не професори, инфлуенсери, бизнисмени… за кои политиката е хоби и извор на дополнителни средства.
Оттука, за прв пат Македонците со игнорирање на изборите одбраа да не бидат залажувани со паркови и клупи или да се задоволат со градоначалници кои ќе организираат навремено собирање на отпадот.
Затоа што прашањето како за Македонците, така и за целата нација на Северна Македонија е интеграцијата во ЕУ – како основа на економската одржливост на земјата.
За припадност во единствен пазар и простор на движење во кој економијата создава профит и на неа се гради финансиска, социјална, инфраструктурна… политика – национална и локална.
За разлика од „стандардната“ имитација на кампања кај Македонците, кај Албанците во Северна Македонија политичкиот натпревар беше пожив и поинтензивен.
Целта на партиите/коалициите што ги адресираат Албанците е дефинирање на политичарите и партиите кои ја одразуваат нивната политичка претставеност.
Спротивно на проекцијата на партиите што ги адресираат Македонците – изборите да се искористат за одржување на статус-квото на земјата.
Мнозинството со апстиненција најави дека вистинската политика започнува на 3 ноември 2025.

