Грција станува главен енергетски центар за американски течен природен гас (LNG) за регионот
Грција се позиционира како клучен енергетски хаб за американскиот течен природен гас (LNG), наменет за земјите од регионот, меѓу кои се Бугарија, Молдавија, Украина, Унгарија и други европски држави. Ова го изјави министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру за време на форумот Renewable and Storage, јавува весникот „Катимерини“, пренесува БГНЕС.
Според Папаставру, во 2019 година Грција увезувала меѓу 6 и 7 милијарди кубни метри гас за домашни потреби, додека денес обемот достигнува 17 милијарди кубни метри. Од нив, 11 милијарди – главно американски LNG – се реекспортираат кон соседните држави.
„Нашата земја сѐ повеќе ја презема водечката улога во регионот“, истакна министерот.
Тој најави дека за две недели Грција ќе ја посети американскиот министер за енергетика Крис Рајт, кој ќе пристигне заедно со 20 министри од Источна и Централна Европа.
Папаставру нагласи дека Атина не смее да заостанува во истражувањата за јаглеводороди:
„Не можеме да го игнорираме она што нашите соседи веќе го проучуваат – било во Источното Средоземје или во Јонското Море. Тоа им го должиме на граѓаните, бидејќи потенцијалните наоѓалишта можат да го променат нашиот живот,“ изјави тој.
Се очекува наскоро да биде потпишана одлука за избор на изведувач за истражувачките зони јужно од Пелопонез и јужно од Крит.
Во однос на пошироките енергетски трендови во Европа, Папаставру нагласи дека одвојувањето на континентот од рускиот гас е една од ретките теми околу кои САД и ЕУ имаат целосна согласност. Тој подвлече дека енергетската независност и конкурентноста се „взаемно поврзани поими“, цитирајќи го премиерот Киријакос Мицотакис, кој изјави дека „европската конкурентност не може да постои без ниски цени на енергијата.“
