|

ВМРО-ДПМНЕ: Со јасна предност и силна поддршка влегуваме во вториот круг од локалните избори

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека во вториот круг од локалните избори влегува со јасна предност и силна поддршка од мнозинството граѓани, по, како што наведуваат, „историската победа“ во првиот круг.

Во соопштението се наведува дека партијата освоила 550 советнички места и 33 општини, со зголемување од над 11.000 гласови во однос на претходните локални избори.

„На 2 ноември следи втор круг во 27 општини, од кои во 20 ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност, вклучително и во Град Скопје“, стои во соопштението.

Од партијата додаваат дека овие резултати ја потврдуваат довербата на граѓаните во, како што велат, „чесното, одговорно и транспарентно работење на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Изминатите четири години беа период без скандали, без афери и без местени тендери — периоди на посветеност, реална работа и конкретни резултати во интерес на граѓаните. Така планираме и понатаму да продолжиме“, се вели во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на 2 ноември масовно да излезат на гласање и да ја потврдат, како што наведуваат, „победата што веќе започна“.



Слични Објави