Косовскиот парламент ја одби кандидатурата на Албин Курти за премиер
Косовскиот парламент денеска ја одби кандидатурата на актуелниот премиер Албин Курти за нов состав на владата, јави косовското издание Коха диторе, пренесува БТА. Со 56 гласа „за“, 52 „против“ и четворица „воздржани“, предлогот на Курти не го доби потребното мнозинство.
Во обраќање пред пратениците, Курти изјави дека не успеал да обезбеди коалиција за составување влада, бидејќи ниту една од поканетите партии не прифатила заедничко учество во власта. Тој сепак ги повика пратениците да гласаат за предложената влада, за да се обезбеди институционална стабилност и усвојување на буџетот за следната година.
„Без нова влада, републиката ризикува да оди на нови избори без функционални институции и без усвоен буџет. Тоа би ги загрозило платите, пензиите, детските додатоци и снабдувањето со лекови“, предупреди Курти.
Косово се наоѓа во политичка криза од изборите на 9 февруари 2025 година, кога ниту една партија не освои мнозинство во 120-члениот парламент. По месеци блокада, парламентот беше конечно конституиран на 10 октомври.
Со одбивањето на предлогот на Курти, претседателката Вјоса Османи сега има рок од 15 дена да назначи нов мандатар по консултации со партиите. Доколку и вториот предлог не добие поддршка, Косово ќе оди на предвремени парламентарни избори.

