Првата бугарска поштенска марка за 2026 година ќе биде посветена на приклучувањето на Бугарија кон еврозоната
Вицепремиерот и министер за транспорт и комуникации на Бугарија Гроздан Караџов го потпиша тематскиот филателен план за следната година, јавува БГНЕС.
Ова е најочекуваното издание меѓу колекционерите во земјата и странство, бидејќи замената на левот со евро означува крај на повеќе од 140-годишен колекционерски циклус и почеток на нов. Слична промена се случила и кон крајот на XIX век, кога поштенските марки се издавале во левови наместо во сантими.
Во делот „Транспорт“ ќе биде објавено издание по повод 125 години од првиот трамвај и 85 години од првиот тролеј во Софија – тема што има голема вредност за филателистите ширум светот.
Новата тематска серија за 2026 година ќе се вика „Бугарски царици“, а во рубриката „Бугарија и светот“ ќе бидат издадени марки со ликовите на Марлене Дитрих, Кларк Гејбл, Гери Купер и Мерилин Монро.
Традиционално најочекувано издание ќе биде темата „Фауна“, посветена на птиците долж бугарското Црноморие.
Од 1 јануари 2026 година, со влегувањето во еврозоната, ќе се пуштат нови поштенски марки за домашна и меѓународна кореспонденција, со нова цена во евра и дизајн посветен на културно-историското наследство на Бугарија.
