| |

Бугарија лидер во Европа по жени во науката и иновациите, но потребни се поголеми инвестиции и поддршка за СТЕМ-кариера

Бугарија продолжува да го задржува водечкото место во Европа кога станува збор за учеството на жените во науката и иновациите, но експертите предупредуваат дека се потребни повеќе инвестиции во образование, високи технологии и охрабрување на жените да се развиваат во СТЕМ-професиите.

Ова го истакна бугарската еврокомесарка за иновации, стартапи и научни истражувања, Екатерина Захариева, на дискусија посветена на улогата на жените во иновациите, организирана од здружението „Дамски форум“, јавува БНР. Таа нагласи дека, иако земјата има високо ниво на женско учество во науката и технолошките сектори, бројките за тоа како жените привлекуваат капитал се незадоволителни. „Европа не може да си дозволи да изгуби половина од својот талент,“ предупреди Захариева.

Вицепремиерот Томислав Дончев истакна дека Бугарија нема проблем со улогата на жените како научници, иноватори, менаџери и бизнис-лидери, но дека е неопходно да се направат дополнителни чекори за вистинска родова рамноправност на водечките позиции.

Претседателката на „Дамски форум“, Дијана Митева, додаде дека Бугарија има со што да се гордее во областа на науката, стартап компаниите и информатичката технологија. Таа се повика на податоци од Столичната агенција за приватизација и инвестиции, според кои 25 проценти од новооснованите компании се создадени од жени.

Заклучокот од дискусијата е јасен: за да го задржи своето водство, Бугарија мора да вложува повеќе и во образованието и во поддршката за жените во СТЕМ-професиите – природните и инженерските науки, информатиката и претприемништвото.



Слични Објави