| |

Изгубени во преводот евроинтегративци

Илија Стојановски

Некои луѓе знаат да читаат меѓу редови, други не знаат ни да ги прочитаат редовите. Таква е ситуацијата со нашите евроинтегративни „толкувачи“ – премиерот Христијан Мицкоски, министерот Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, кои последниве денови се обидуваат да објаснат што всушност мислела Европската унија. Само што, како и секогаш, Европа вели едно, а тие си го преведуваат на своето – од „стагнација“ прават „напредок“, од „критика“ – „пофалба“, а од „услов“ – „заговор против идентитетот“.

Премиерот Мицкоски, на пример, гордо изјави дека Македонија е „пред Албанија“ на европскиот пат. Да, баш така. Си го чита извештајот на ЕУ како хороскоп во утрински весник: „Денеска е добар ден за реформи, Албанија ќе биде љубоморна.“ Само што Европа, досадна како и секогаш, вели нешто друго – дека Албанија има реален напредок, а Македонија стагнација во повеќе кластери. И наместо да се соочи со тоа, Мицкоски си најде утеха: „Извештајот не бележи назадување.“ Па, супер! Тоа е како ученик да каже: „Не паднав годинава, само не напредував ни еден предмет.“ Генијален успех, нели? И така, додека Европа зборува за критериуми, реформи и правна држава, нашата влада зборува за „идентитет“, „достоинство“ и „нови ветувања“. Ако го прашаш Мицкоски што значи владеење на правото, ќе каже – „тоа е кога јас ќе одлучам кој е во право.“ Ама не е сам.

Тука е и Гордана Сиљановска, која од секоја конференција излегува како експерт за сè – од уставно право, преку европско, до теориите на заговор. Таа упорно го спомнува „познатиот Копенхашки критериум“, како некаков свештен текст, без при тоа да знае дека тие критериуми се всушност три: политички – демократија, човекови права и заштита на малцинства; економски – функционална пазарна економија; институционален – капацитет да се применува европското право. Ама ајде, кога ќе ја слушнеш како зборува, ќе помислиш дека таму некаде во Копенхаген стои напишано: „ЕУ не смее да ја уценува Македонија со идентитетот!“ Таков член нема, ама зошто да ја расипуваме убавата приказна со факти, нели?

И, за крај, нашата дипломатска ѕвезда – министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Човекот бара „гаранции“ од Европската унија дека нема да бидеме измамени ако внесеме народ во Уставот. Алооо, министере! Тоа не е хуманитарна помош, тоа се човекови права! Какви гаранции бараш за нешто што е твоја обврска, не подарок? Тоа е како некој да бара уверение од лекар дека нема да му биде лошо ако не пуши. Или од наставник дека нема да го казни ако не препишува. Апсурдот е толку длабок што веќе станува политичка доктрина. Муцунски мисли дека Брисел треба да му потпише документ дека нема да се покае ако ја направи најнормалната работа во светот – да признае постоење на народ во својата држава. Тоа не е дипломатија. Тоа е интелектуална комедија со национален буџет. И така, наместо да се занимаваат со судството, корупцијата, дигитализацијата и реформите, нашите евро-визионери си ја најдоа новата мантра: „Ние сме жртви на неправда, но морално сме пред сите.“ Па така и живееме – морално пред сите, реално зад сите.

Албанија отвора поглавја, Црна Гора подготвува датум за членство, а Македонија уште се препира дали човековите права треба да имаат гаранции. Европа зборува јасно: „Забрзајте ги реформите.“ Нашите одговараат: „Ќе видиме после избори.“ Европа вели: „Борете се против корупција.“ Нашите: „Ќе направиме работна група.“ Едноставно кажано – Европа зборува на јазикот на реалноста, а нашите тоа го преведуваат на јазикот на самозалажувањето. Ако продолжи вака, ќе треба Брисел да испрати не нов извештај, туку преведувач. Некој што ќе им објасни дека „стагнација“ не значи „напредок“, дека „човековите права“ не бараат „гаранции“, и дека Копенхаген не е туристичка дестинација, туку тест што очигледно не го положивме.



Слични Објави